САД го освоија златниот медал на кошаркарскиот турнир на Олимписките игри во Токио. Американците во финалето ја победија Франција со 87:82. Дрим-тимот го освои четвртиот златен медал во низа и воедно им се одмазди на Французите за поразот во првото коло на турнирот.
Најзаслужен за триумфот на Американците беше Кевин Дурент. Играчот на Бруклин Нетс, се израмни според бројот на златни медали со Кармело Ентони. Двајцата имаат по три злата од ОИ.
Дурент натпреварот го заврши со 29 поенеи, шест скока и три асистенции. Најблиску до него беше Џејсон Тејтум со 19 поени и седум скока.
Двоцифрен ефект кај Американците, по 11 поени, имаа Демијен Лилард и Џру Холидеј.
Франција ја предводеа Еван Фурние и Руди Гобер со по 16 поени, Јабуселе постигна 13, а Нандо Де Коло 12 поени.