Top Sport

Нема гушкање со Руси! Украинската скокачка повикана на рапорт!

Украинската министерка за одбрана, Ана Малјар, ја повика натпреварувачката во скок во височина Јарослава Махучих на „рапорт“ по враќањето во Токио, осудувајќи го нејзиното гушкање со руската шампионка, Марија Ласицкене откако двете освоија медал на Олимпијадата.

Махучих освои бронзен медал, но немаше проблем да ја гушне руската ривалка, што за министерката претставува неприфатливо однесување поради ситуацијата во областа Донбас, посебно бидејќи Махучих е наредник во Војската на Украина, додека Ласицкене е членка на ЦСКА Москва, војничкиот клуб на Русија.

„Спортистите кои ја претставуваат Украина на меѓународните натпреварувања мораат да сфатат дека Руско-украинската војна не е прекината и тоа носи ограничувања и одговорност. Безгрижното однесување на нашите спортисти, кои ги сакаме и за кои искрено навиваме, можат да бидат цел на непријателски специјални операции. Таа сега е во Токио, но по нејзиното враќање имам состанок со неа и ќе ве известам за разговорот“, напиша министерката Малјар на Фејсбук.

Актуелната европска шампионка Махучих успеа да прескокне 2 метри, освојувачката на сребро, Австралијката Никола Мекдермот стигна до 2.02 метри, додека Ласицкене стигна до златото со 2.04 метри.

Scroll to Top