Португалскиот ас Кристијано Роналдо синоќа со два гола во финишот на мечот и донесе победа на својата селекција против Ирска во квалификациите за СП. Со тоа стана најдобриот стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал.
Досега рекордот го држеше Иранецот Али Даеи со 109 гола на 149 натпревари.
Роналдо со синоќешните два гола го надмина Даеи, а за својата татковина одигра досега 180 натпревари – ефектот 111 гола.
Тој се огласи на Инстаграм по ова постигнување:
„Пресреќен сум и воодушевен. Од сите рекорди кои ги срушив во кариерата, а имаше неколку, на овој сум најмногу горд. Секогаш кога ја претставувам својата земја се чувствувам посебно затоа што знам дека ја бранам Португалија и му демонстрирам на светот какви луѓе сме ние Португалците. Повеќе од се ме прави среќен фактот што 111 пати усреќив милиони Португалци шитум светот. За нив секоја жртва која ја дадов вредеше. Она што Али Даеи го направи е неверојатно, во еден момент од кариерата мислев дека никогаш нема да го достигнам. Тој постави многу високи стандарди и сега сакам да му честитам што толку долго време го држеше рекордот. Португалија, ти благодарам. Им благодарам на сите мои соиграчи и на противниците кои овој мој пат го направија незаборавен. Се надевам дека и понатаму ќе се среќаваме на теренот во годините што се пред нас. Не престанав да бројам…“ напиша Роналдо.