Оле Гунар Солскјер се обиде да оправда зошто ги повлече Бруно Фернандеш и Кристијано Роналдо при поразот од 2:1 од Јанг бојс на стартот на Лигата на шампионите, поставувајќи негативен рекорд за клубот.
Јунајтед поведоа преку Роналдо, меѓутоа по црвениот картон на Арон Ван-Бисака, Солскјер ги извади Португалците, заменувајќи ги со Немања Матиќ и Џеси Лингард. Токму Лингард ја направи скапата грешка во последните моменти од мечот додавајќи ја топката до напаѓачот на Јанг бојс.
„Веќе помина 70-тата минута, двајцата трчаа многу во саботата и денеска. Игравме на астротурф подлога, и ни беше потребно искуството на Немања и нозете на Џеси. Со Џеси, никој фудбалер не сака да прави грешки, но тоа е дел од играта. Секој греши и ќе научиме од овој пораз. Ќе биде подготвен веќе во недела, бидејќи тоа е природата на овој спорт“, вели Солскјер.
За поразот според Солскјер делумно е виновен и младиот судија Франсоа Летексие, кој не досудил пенал за фаулот над Роналдо.
„Роналдо требаше да даде уште еден гол од пенал, а од друга страна добивме и црвен картон. При пеналот тој го туркаше со едната рака Роналдо, но судијата не сакаше да покаже пенал, бидејќи ќе требаше да покаже и црвен картон за нив. Така е понекогаш со младите судии“, објаснува Солскјер.
Јунајтед дури час време не упатија удар кон голот на Јанг бојс, а Солскјер како тренер во 11 меча во Лигата на шампионите има дури 7 порази. Дури 13 отсто од вкупните порази на „ѓаволите“ во ЛШ се под водство на Солскјер (7-од-54).