Визата за престој во Обединетото Кралство на сопственикот на Челси, Роман Абрамович е истечена и британските власти уште му ја немаат продолжено, тврдат руските медиуми.
Рускиот олигарх, кој е 13. најбогат човек во Велика Британија со вредност од над 9.3 милијарди фунти, според „Сандеј тајмс“, имал бизнис-виза за Обединетото Кралство кое истекла пред неколку недели, а и покрај тоа што има поднесено за нова, не е јасно дали ќе ја добие.
Абрамович не присуствуваше на саботното ФА куп финале на „Вембли“, каде што неговите Челси со 1:0 ги совладаа Манчестер јунајтед.
Односите меѓу Британија и Русија се на најниското можно ниво по обвинувањата за труење на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал во Салисбјури, по што Британците протераа 23 руски дипломати во март. Русија го затвори Британскиот совет во нивната земја и британскиот конзулат во Санкт Петербург.
Абрамович го купи Челси во 2003 година и оттогаш го направи гигант во англискиот фудбал, освојувајќи пет титули во Премиер лигата, како и титулата од Лигата на шампионите во 2012 година.
Русинот има дом од 90 милиони фунти во Кенсингтон палас и е сопственик на „Евраз“, најголемиот руски производител на челик и „Норилск никел“, компанијата за производство на никел. Тој останува во добри односи со Владимир Путин, а беше вклучен во финансирањето на Зимската олимпијада во Сочи во 2014, а едно време делуваше и како гувернер на областа Чукотка.