Гројтер Фирт беше најблиску до својата прва победа по враќањето во Бундеслигата, откако поведе на гостувањето кај Келн, но на крајот „јарците“ направија пресврт и со 3:1 победа ги оставија гостите на последното место на табелата.
Марко Маерхофер уште во седмата минута погоди за Фирт, со што гостите за првпат поведоа во седум меча од Бундеслигата, но „јарците“ подготвија камбек за само пет минути во второто полувреме на „Рајненерги“ стадионот.
Себастијан Андерсон погоди во 50. минута за израмнување, за пет минути подоцна, Тунижанецот Елјис Скири да погоди за 2:1, а истиот фудбалер стави точка на натпреварот во 89. минута од мечот.
Ова е трета победа за Келн оваа сезона и тие се наоѓаат на седмото место на табелата, додека Фирт има само еден поен во првите седум кола и е првиот кандидат за враќање во „Цвајте“.