Украинските власти обвинија 35 фудбалски клуба поради учество во местење на резултати. Пет од обвинетите клубови се натпреваруваат во елитниот ранг на украинскиот фудбал, но меѓу тие пет не се двете најдобри екипи, Шахтјор и Динамо Киев.
Полицијата, во вторникот, влегла во просториите на клубовите, а подоцна властите соопштиле дека криминални банди организирале масовно местење на натпревари.
Ненадејната акција на украинската полиција одекна низ Европа бидејќи метрополата Киев, в сабота, ќе биде домаќин на финалниот меч во Лигата на шампионите.
Властите објавиле дека целата операција открила пет криминални групи што биле вмешани во најмалку 57 наместени натпревари. Во местењето натпревари биле вклучени повеќе од 300 лица.
„Собиравме документација и докази повеќе од една година“, рекол шефот на украинската полиција, Серхиј Књазев.
Од друга страна, министерот за внатрешни работи на Украина, Арсен Аваков, се огласил на Фејсбук.
„Меѓу вмешаните во местењето на натпреварите има и претседатели на клубови, поранешни и актуелни играчи, тренери, судии и комерцијални организации“.
Тој дополнил дека сите што биле вмешани, на годишно ниво, заработувале и до пет милиони долари, во обложувалниците низ Азија.
И покрај акцијата на украинската полиција досега не е покренато ниту едно обвинение.