Top Sport

Вардар не успеа да ја мине „шампионската клетва“

Монпелје успеа да го елиминира актуелниот европски шампион Вардар со 28:27 за да ја продолжи „шампионската клетва“ и да не дозволи „црвено-црните“ да станат први кои ја одбраниле титулата на Ф4 турнирите.

Монпелје водеше во текот на целиот меч (освен 7:6 во првото полувреме), за на крајот вардарци да приредат уште еден финиш за срцев напад, израмнувајќи на 27:27, пред францускиот клуб да ја продолжи сензационалната низа оваа година и да влезе во финале каде што ќе се сретне со Нант на Кирил Лазаров.

Вуко Борозан имаше шанса да избори израмнување во последните секунди од мечот, но неговиот удар заврши надвор од голот.

Неверојатниот Валентин Порт не „уништи“ со осум гола, додека посебно во второто полувреме одличен беше младиот Мелвин Ришардсон, кој запиша шест гола. На нашиот гол Арпад Штербик и Страхиња Милиќ имаа лошо попладне (Штербик имаше само една одбрана во првото полувреме), а најефикасни во нападот беа Вуко Борозан и Лука Циндриќ со по шест гола.

Со ова се става крај на една ера на РК Вардар, во која лани беше освоена неверојатната титула од Лигата на шампиони, но крајот ќе биде помалку горчлив со нов дуел со Пари Сен-Жермен, овојпат само за третото место. Од следната сезона ќе имаме „реновиран“ Вардар без поголемите ѕвезди и без тренерот Раул Гонзалес.

Од друга страна, ова е и финиш на неверојатниот пат на Монпелје до врвот – тие се единствените кои настапуваа во групите Д/Е од Лигата шампионите и стигнуваат до борба за титулата.

 

Scroll to Top