Стратегот на Вардар, човекот кој лани ја донесе европската титула во Скопје, Шпанецот Раул Гонзалес немаше изговори за загубеното полуфинале од Лигата на шампиони против Монпелје, во исто време фалејќи ги своите ракометари со кои во последните четири години „тресеа“ во Европа.
„Имавме лош почеток, и иако игравме добро во одбраната, во нападот потфрливме. Противникот имаше одлична одбрана. Монпелје беа подобри во последните одлучувачки минути и тоа е тоа. Моите ракометари беа одлични, поминавме четири години и нема замерки“, вели Гонзалес.
Шпанскиот стратег и Вардар сега го очекува нов дуел со Пари Сен-Жермен, но овојпат за третото место. Ова е последен меч на Гонзалес на челото на Вардар и ќе се судри со својот иден клуб, ПСЖ.
Фото: ЕПА