Навивачите на Њукасл јунајтед добија брутална порака и „приземјување“, откако нивниот нов менаџер, Еди Хоув изјави дека очекува да опстанат во Премиерлигата, но дека не може да го гарантира тоа.
43-годишниот поранешен прв човек на Бурнемаут го презеде клубот, откако тој доби нови супер-богати саудиски сопственици, заменувајќи го Стив Брус. На „Сент Џејмс парк“ има амбиции клубот да се впише меѓу англиската и европската елита, но првата цел ќе биде излегување од опасната зона – Њукасл се на 19. место на табелата како единствен клуб без победа оваа сезона, додека во декември ги чека тешка низа натпревари против Лестер, Ливерпул, Манчестер сити и Манчестер јунајтед.
„Имам доверба дека можеме да опстанеме во лигата, но не можам да дадам такво ветување. Можам само да го водам клубот според моите способности. Ќе го дадам максимумот, ќе бидам 100 отсто посветен секој ден за успехот кој го заслужува Њукасл, но за тоа ќе биде потребна многу напорна работа и жртвување од моите фудбалери“, вели Хоув.