Пред нова гренд слем пресметка на двете тениски шампионки, Серена Вилијамс и Марија Шарапова, Американката не беше многу импресионирана од тоа што го прочитала.
Шарапова во автобиографијата одделува доста простор на Серена и на борбата за првата титула на Вимблдон во 2004 година, кога тогаш анонимната Русинка ја победи Американката. Шарапова и Вилијамс ќе се сретнат утре во осминафиналето на Франција опен на терените на Ролан Гарос.
„Мислам дека книгата беше 100 отсто шпекулации и оговарање, барем работите кои јас ги прочитав. Како жени, треба да се воздигнуваме. Кога излезе книгата бев возбудена и сакав да ја прочитам бидејќи бев среќна за неа. Но, тогаш сфатив дека голем дел од книгата е за мене. Не очекував дека ќе читам книга за мене“, вели Серена.
Русинката пак, има голема лузерска серија против Американката, и скор од 2-19, губејќи ги речиси сите пресметки по тоа финале на Вимблдон. Сепак, таа вели дека е подготвена.
„Помина доста време и многу работи ни се случија на двете. Одамна не зборував за тоа што е во книгата и сега ќе излезам и конечно ќе можам да играм повторно против Серена“, изјави Шарапова.