Италијанската фудбалска репрезентација, актуелниот европски шампион, се наоѓа под закана вторпат едноподруго да не се пласира на Светското првенство, откако повторно „заглавија“ во Белфаст, одигрувајќи 0:0 против Северна Ирска, дозволувајќи Швајцарија по убедливата 4:0 победа над Бугарија да се пласира на Мундијалот. Италија, пак, неверојатно, станува еден од нашите потенцијални ривали во баражот.
Италија и Швајцарија во последното коло влегоа со идентичен број на поени (15) и со релативно слична гол-разлика (13:2 за Италија и 11:2 за Швајцарија), така што се очекуваше да се води „војна“ околу тоа кој ќе стигне до поубедлива победа.
Наместо тоа, момците на Роберто Манчини, повторно покажаа разочарувачка игра и не успеаја да дадат гол во Белфаст, каде што никогаш не победиле, и каде што во 1958 година доживеаја славен 2:1 пораз со кој не успеаја да се квалификуваат за СП.
Швајцарците пак, по лошото прво полувреме, во второто им дадоа четири гола на Бугарите, а дополнителни два им беа поништени, така што ќе се пласираа на Мундијалот дури и со 2:0 победа на Италија на гости – така ќе имаа иста гол разлика, но и подобар меѓусебен дуел.
Англија, која само математички не беше пласирана на СП, стигна до победа на граница на непочитување, триумфирајќи со 10:0 на гости кај Сан Марино, нивна втора најголема победа во историјата по 13:0 победата над Ирска во далечната 1882 година. Хери Кејн даде четири гола во првото полувреме. Од оваа група, очекувано Полска оди во баражот и е потенцијален противник на Македонија.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП
ГРУПА Ц
Северна Ирска – Италија 0:0
Швајцарија – Бугарија 4:0
ГРУПА Ф
Австрија – Молдавија 4:1
Шкотска – Данска 2:0
Израел – Фарски Острови 3:2
ГРУПА И
Албанија – Андора 1:0
Полска – Унгарија 1:2
Сан Марино – Англија 0:10