Една од најбизарните фудбалски приказни во последно време, стана уште побизарна, откако Хајет Абидал, сопругата на поранешниот спортски директор на Барселона, Ерик Абидал, побарала развод од Французинот по шпекулациите за неверство и поврзаност со нападот на фудбалерката на Пари Сен-Жермен, Кеира Хамрауи.
Приказната започна со бруталниот напад на Хамрауи од страна на маскирани мажи со челични шипки додека таа била во автомобил кој бил управуван од нејзината колешка од ПСЖ, Амината Диало. Француската полиција прво ја уапси Диало, со обвинение дека го нарачала нападот за да го земе нејзиното место во клубот, но потоа тие побараа испитување на Абидал и неговата сопруга, откако СИМ-картичката во телефонот на Хамрауи бил регистриран на името на Абидал.
Хамрауи беше фудбалерка на Барселона додека Абидал беше спортски директор во клубот, а француските медиуми објавија дека сега сопругата на Абидал е осомничена за нападот, откако еден од маскираните мажи и врескал на Хамрауи: „Сакаш да спиеш со женети мажи“.
Денеска, дојде нов пресврт, откако Хајет побара развод од Абидал, со кого има пет деца, а нејзиниот адвокат потврди дека мотивацијата е поврзаноста со случајот на Хамрауи.
„Приморана од условите и незадоволството со случајот Хамрауи, Хајет Абидал ќе побара развод во Барселона. Откако обвинителот во Версај во понеделникот потврди дека СИМ-картичката е на името на нејзиниот сопруг Ерик Абидал, тој призна дека направил прељуба со мадам Хамрауи. Мојата клиентка ќе се бори за својата чест и репутација“, изјави адвокатот на Хајет, Џенифер Лосада.