Top Sport

Хамилтон супериорен во Катар, Ферстапен сега води со само 8 поени!

Луис Хамилтон без мака стигна до победа на првото Катарско ГП на патеката Лосаил, откако од пол-позицијата ја искористи својата супериорна брзина за да стигне до победа пред ривалот од Ред бул, Макс Ферстапен и Фернандо Алонсо во Алпине, во негов прв подиум по камбекот во Ф1, така намалувајќи ја предноста на Ферстапен во генерален пласман на само 8 поени пред последните две трки од сезоната, откако Холанѓанецот го зеде поенот за најбрз круг на трката.

Хамилтон во ниту еден момент не беше под закана на Ферстапен, кој стартуваше од седмото место по казната од пет места која ја доби за игнорирање на двојно жолто знаме во саботните квалификации. И покрај ваквиот старт, Ферстапен успеа да стигне до второто место по првите 5 круга, но не можеше да се доближи до британскиот ривал.

По ваквиот развој на настаните, и очигледната разлика во брзина, Ферстапен и Ред бул се обидоа двапати со „андеркат“ да добијат предност, односно двапати беше повикан порано во боксот, но Мерцедес одговорија и Хамилтон ја заддржа победата.

Во поени беа и Серхио Перез на четвртото место во вториот Ред бул, пред Естебан Окон (Алпине), Ленс Строл (Астон Мартин), двојката на Ферари, Карлос Саинс и Шарл Леклер, Лендо Норис во Мекларен и Фетел во вториот Астон Мартин.

Ова е седма победа оваа сезона за светскиот шампион, втора во низа и вкупно 102. во кариерата, додека Ферстапен има 9 триумфи на две трки пред крајот – во Саудиска Арабија на 5 декември и во Абу Даби на 12 декември.

 

Scroll to Top