Марко Чекинато, 25-годишниот тенисер од Сицилија, успеа првпат во својата кариера да стигне до полуфинале на еден гренд слем турнир, откако во интересен меч со 6:3/7:6(4)/1:6/7:6(11) го елиминираше Новак Ѓоковиќ.
72-рангираниот Чекинато, кој во април победи во Будимпешта за да стане првиот тенисер од Сицилија кој победил на АТП турнир, пред настапот на Ролан Гарос немаше ниту една гренд слем победа. Меѓутоа, во Париз, тој ги победи Копил, Трунгелити, Карењо-Буста и Гофан, пред да стигне до најголемиот триумф во кариерата против Ѓоковиќ.
Чекинато, сега, за место во финалето ќе се бори со апсолутниот фаворит, Доминик Тим, кој претходно во три сета го совлада Александер Зверев.
За Ѓоковиќ пак, со поразот се става крај на релативно успешниот Франција опен за него, посебно ако се земе во предвид дека последните неколку месеци, поранешниот светски број 1 не успеа да ја врати својата препознатлива форма.
Ѓоковиќ неколку пати бараше медицинска помош за својот врат и рамото, а на Чекинато ова му беше доволно да го освои првиот сет. Во вториот сет Ѓоковиќ успеа да се бори посилно, но го загуби тај-брејкот, пред во третиот сет со експресна серија да намали на 2:1.
Но, тогаш Србинот повторно побара помош од својот физиотерапевт за повредата на десната нога. Чекинато ја загуби контролата и беше казнет со поен за самоволно напуштање на теренот (да смени патики), но во тај-брејкот покажа исклучителна борбеност за да го добие со 13:11.
Фото: ЕПА
Тим повторно во париското полуфинале, Зверев веќе немаше сили