По сите контроверзи околу повредата на Мохамед Салах во финалето на Лигата на шампионите, Тони Крос застана во одбрана на капитенот на Реал Мадрид инсистирајќи дека тој сигурно немал намера да го повреди Египќанецот.
Германскиот играч од средниот ред оди понатаму и вели дека Рамос воопшто не е агресивен фудбалер на теренот.
„Сигурен сум дека Серхио немаше намера да го повреди Салах. Всушност, ни самиот судија не свирна фаул и јас не видов ништо неспортско во неговото однесување. Рамос не е агресивен фудбалер и горд сум што е капитен во Реал Мадрид“, вели Крос во интервју за германскиот магазин „Аугзбургер алгемајне“.
Крос повторно е дел од германската репрезентација за СП во Русија, и вели дека освоената титула во 2014 година не значи дека желбата за титула е намалена.
„Светското првенство секогаш ме мотивира, да не беше така ќе се повлечев од репрезентацијата. Тоа е нешто посебно за секој фудбалер и сега сме пред предизвикот да ја одбраниме титулата“, вели Крос.