Френк Лампард вели дека немал проблеми во соработката со директорката на Челси, Марина Грановскаја, и посочува дека останува со огромен респект за газдата на клубот Роман Абрамович, и покрај „бруталниот“ начин на кој беше сменет од тренерската позиција.
42-годишниот Лампард, човекот кој освои три премиерлигашки титули и трофеј од ЛШ како играч на „сините“, доби шанса да биде менаџер на тимот по само една сезона со Дерби каунти, но изддржа само 18 месеци на позицијата. По ветувачката прва сезона, во која имаше топ 4 пласман и финале во ФА купот, тој имаше лош старт на втората сезона и беше заменет со Томас Тухел, кој пак, со истиот тим ја освои титулата од ЛШ. Во интервју со Гери Невил, Лампард проговоре за односите во клубот.
„Не бев целосно изоставен од одлуките во клубот, постојано имав контакт со Марина, дури иако понекогаш тоа беше преку СМС-пораки. Сакав да имам добри односи со неа. Најпозитивно за мене беше доаѓањето на Петр Чех, бидејќи јас и Пит бевме блиски пријатели како играчи“, вели Лампард.
Тој додава дека имал малку разговори со Абрамович.
„Навистина не зборував со него, бидејќи немаше потреба. Ја чувствував поддршката на клубот и благодарен сум што ми дадоа шанса. Секогаш сум го почитувал Абрамович. Не би бил тука да не беше тој. Тој ги прави тие одлуки, а ако погледнеме наназад, неговите одлуки честопати се многу добри за клубот“, додава Лампард.