Најискусниот Ф1 возач во историјата, асот на Алфа Ромео, Кими Раиконен вели дека е среќен што неговиот престој во Формула 1 завршува наскоро, не покажувајќи знаци дека би сакал да остане во спортот.
42-годишниот Финец, кој го носи прекарот „Ајсмен“ и е последниот Ф1 шампион на Ферари, вели дека е вистинско време да се повлече со неговото семејство во Швајцарија.
„Зошто би бил емоционален за ова? Едвај чекам да завршам, среќен сум што наскоро сум готов, така што нема тага, нема ништо лошо. Дури мислам дека е добро за мене“, вели Раиконен.
Запрашан дали планира да ги гледа трките во 2022, тој се насмеа.
„Сигурно нема да гледам, но можеби некоја интересна трка ќе ја погледнам. Ќе видиме што ќе се случи, но сигурно нема да си поставам аларм да не пропуштам трка“, додава Раиконен.