Легендарниот бразилски напаѓач, Роналдо открива дека размислувал да купи клуб од МЛС лигата или од англискиот Чемпионшип, пред да се реши да инвестира во шпанскиот Валјадолид поради превисоките цени.
Двократниот светски шампион беше малцински сопственик во клубот Форт Лодердејл страјкерс во НАСЛ американската лига, пред клубот да се распушти во 2016 година. Тој сакал да инвестира во САД, каде што неговиот поранеше соиграч од Реал Мадрид, Дејвид Бекам е газда на Интер Мајами, но вели дека цените не биле прифатливи.
„Бев во Њујорк на разговор со претседателот на МЛС и тој ми ја кажа: ‘Можеш да освоиш се, но ако немаш 70 милиони евра за франшизата, не правиш ништо’. Затоа ја отфрлив таа понуда. Потоа заминав во Лондон за да студирам спортски менаџмент и спортски маркетинг. Разгледував многу клубови од англискиот Чемпионшип, но сите клубови беа прескапи. Премиерлигата е огромен успех на глобално ниво, но и Чемпионшипот, така што беа потребни најмалку 60 милиони фунти за проект. Затоа размислив за Шпанија и Португалија, каде што цените беа поприфатливи“, вели Роналдо.
Тој продожлил со потрагата за клуб и по Светското првенство во 2018, купи 51 отсто од Реал Валјадолид, каде што сега е претседател на клуб.
„Слушнав дека има опција за Вајладолид, и преговарав само една недела и платив 30 милиони евра“, вели 45-годишниот Роналдо.
Валјадолид се на петтото место во Втората шпанска лига, со 10 поени заостанување зад Алмерија, но само 4 од место кое автоматски значи враќање во Ла лига.