Белгискиот чувар на мрежата на Реал Мадрид – Тибо Куртоа е во одлична форма сезонава, а неговите одбрани се една од причините што „Кралевите“ се во одлична позиција и во Ла Лига, и во ЛШ.
И напаѓачите на Кралскиот клуб се добро расположени, на 20 меча имаат постигнато 47 гола. Куртоа за белгиските медиуми открива дел од тактикита на тренерот Карло Анчелоти, кога се работи за тренинзите.
„Кај него ми се допаѓа што ме споредува со некои други големи голмани со кои работел и понекогаш бара од мене да `пуштам` по некој гол на тренинзите, за напаѓачите да добијат самодоверба“ вели Куртоа.
Белгискиот голман брилјира сезонава, но неговиот сонародник – Еден Азар е големо разочарување во Реал. Сепак, првиот голман на „Кралевите“ смета дека Азар ќе се врати во вистинската форма.
„Пак во Мадрид ќе го видиме стариот Еден, уверен сум во тоа. Има проблеми со гастроентеритис и знам како е тоа. Поради тоа бев заменет на полувремето против Бриж. Нема смисла да го форсираат, ќе има доволно мечеви да се покаже и докаже“ вели Куртоа.