Легендата на Црвена звезда и почесен претседател на клубот, Драган Џаиќ е во посета на Хрватска, каде што на Истра ќе биде дел од ветеранскиот турнир во мал-фудбал.
Секако, пред Мундијалот, главна тема на разговор се шансите на големото натпреварување во Русија и Џаиќ во интервју за хрватската новинска агенција „Хина“ очекува фаворити да бидат Шпанија, Аргентина, Германија и Бразил по „катастрофалната игра“ пред четири години. Тој се сврте и кон шансите на Хрватска.
„Хрватска има силен воигран тим и може да направи голем резултат на турнирот. Подолго време играат во ист состав, со мали промени, а најголем дел од играчите се во врвни европски тимови. Би било изненадување ако не отидат далеку на СП. Што е далеку? Некои сметаат дека можат до крај, но некои по пријателската со Бразил не веруваат во тоа. Сепак, мислам дека ќе отидат далеку“, вели Џаиќ.
Околу сопствената репрезентација, Џаиќ признава дека не го гледал мечот со Чиле, но нема некои големи очекувања.
„Слушнав дека бевме многу слаби против Чиле, но добро што тоа се случи на пријателски наптревар. За жал, репрезентацијата уште не е искристализирана, има многу импровизации, и јас кој постојано следам фудбал уште не ги знам стартните 11. Мораме да ја победиме Костарика во првиот меч ако сакаме да имаме шанси за втора рунда. Можеме да победиме било кого, но и да загубиме од секој аутсајдер. Тоа е маката на нашиот фудбал“, додава Џаиќ.
За Црвена звезда, тој вели дека е огромен успех што се освои титулата во Србија и е задоволен од добриот настап во Лигата на Европа, иако смета дека тимот мора да цели кон Лигата на шампионите.
„Клубот напредува и ќе се обидеме да влеземе во групните натпреварувања од Лигата на шампионите. Спортски е да се надеваш, а Црвена звезда мора да има такви амбиции, бидејќи е клуб со голема историја, поранешен европски и светски шампион. Имаме харизма, искуство и одлични навивачи“, завршува Џаиќ.