Двократниот Ф1 шампион, Фернандо Алонсо смета дека Формула 1 „никогаш нема да се промени“ и дека ќе остане во основа, спорт со предвидлив исход, како во последните неколку години.
Возачот на Мекларен беше еден од најзвучните критичари на промените во Ф1, посебно по стартот на турбо-хибридната ера во 2014, период на целосна доминација на Мерцедес. Алонсо, кој викендов ќе го има својот 300. настап на Ф1 трка, вели дека не му е досадно и покрај оваа предвидливост.
„Не, воопшто не ми е досадно. Формула 1 останува врвната серија во мотоспортот, иако е вистина дека работите стануваат предвидливи, во оваа турбо ера. Има 21 трка на календарот, и веќе знаеме кои ќе се на првите места во следните 14 трки. Ова е тажно за спортот, бидејќи во другите спортови можеш да смениш нешто. Во фудбалот има фаворити, како Германија, Бразил или Шпанија, но тоа не значи дека тие ќе се шампиони. Ние, можеме со гаранција да кажеме дека Мерцедес или Ферари ќе победат“, вели Алонсо.
Иако од 2021 година ќе има нови правила, за кои сопствениците и тимовите преговарат, Алонсо не очекува нешто да се смени.
„Најверојатно, нема никогаш да има промени. Формула 1 е ваква многу години. Се сеќавам во 2009 кога Рено не беа конкурентни и се сеќавам дека работевме напорно на квалификациите и бевме на првото место. Сега, што и да направиме нема теорија утре да бидеме први. Разликите се толку големи“, додава Шпанецот.
Фото: ЕПА