Десната рака на Роман Абрамович во Челси, Марина Грановскаја е добитник на „златниот гонг“ на италијанскиот весник „Тутоспорт“ како најдобар директор на клуб во Европа, откако нејзиниот клуб ја освои својата втора титуила од Лигата на шампионите во мај.
Руско-канадската бизнисменка беше клучна за носењето на голем број на засилувања на „Стемфорд бриџ“ како Каи Хаверц и Ромелу Лукаку, како и поставувањето на менаџерот Томас Тухел по отказот кој го доби Френк Лампард. Таа вели дека сите на „Стемфорд бриџ“ се заслужни за наградата во тешка година за спортот.
„Минатата сезона нема да ја заборавиме бргу. Беше тешка година со некои многу тешки одлуки кои моравме да ги направиме, но и со титула од Лигата на шампионите, а и нашиот женски тим беше супер-успешен, стигнувајќи првпат до финалето на ЛШ и освојувањето на Суперлигата. Фудбалот е тимски спорт и во бордот на клубовите, колку што е тимски спорт на теренот. Ништо од ова немаше да биде возможно без вистинските играчи, вистинските тренери, но и вистинскиот придружен тим на стадионот. Сега одиме на нашиот следен предизвик“, изјави Грановскаја.