Кошаркарите на Голден стејт Вориорс победија во Бостон 111:107, со што ја потврдија првата позиција во НБА лигата. Актуелните шампиони Милвоки Бакс забележаа пораз во Њу Орлеанс, Минесота ги победи ЛА Лејкерси, Сан Антонио ја прекина серијата од осум победи во која се наоѓаа играчите на Јута, додека Денвер ја декласира Атланта.
Стив Кер ја забележа 400.победа како тренер на Голден стејт Вориорс. Стеф Кари, во победата 111:107, постигна 30 поени, три повеќе од Ендрју Вигинс. Кај Бостон се издвоија Џејсон Тејтум со 27 и Џејлен Браун со 20 поени.
Без Јанис Адетокумбо, Милвоки загубија од Њу Орлеанс. Резултатот во регуларниот дел беше 103:103, во продолжението Пеликаните славеа 116:112. Девонте Грем постигна 26 поени, два повеќе од Јонас Валанчунас и Брендон Инграм. На спротивната страна Крис Мидлтон постигна 40 поени.
Минесота славеше во дуелот со ЛА Лејкерс 110:92. Карл Ентони Таунс оствари дабл-дабл од 28 поени и 10 скокови, по 17 поени постигнаа Дианџело Расел и Малик Бизли.
Лејкерси ги предводеше Ајзеа Томас со 19 поени, Леброн Џејмс забележа 18 поени, 10 скока и пет асистенции. Лејкерси во третата четвртина останаа без Ентони Дејвис кој го повреди коленото.
Денвер ја декласира Атланта со 133:115. Никола Јокиќ за само 26 минути на теренот забележа 20 поени, 10 скока и седум асистенции.
Сан Антонио Спарс победија кај Јута Џез 128:126. Џезерите испуштија предност од 15 поени во второто полувреме. Келдон Џонсон и Дерик Вајт со по 24 поени ги предводеа Спарс, а Дежонте Мареј забележа трипл-дабл од 16 поени, 11 скока и 11 асистенции.