Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ е во соба за изолација и го чуваат полицајци на аеродромот во Мелбурн, по неуспешниот обид да влезе во Австралија за настап на првиот гренд слем од сезоната со медицински исклучок за вакцинација, открива неговиот татко, Срѓан Ѓоковиќ.
За „Б92“, Срѓан Ѓоковиќ вели дека двајца полицајци се пред собата во која е Ѓоковиќ и во која не е дозволен влез на никој од неговиот тим.
Ѓоковиќ, да потсетиме, пристигна во Мелбурн од Дубаи во 23.15 часот по локално време, неколку часа откако премиерот на Австралија, Скот Морисон се закани дека ќе го врати Србинот дома на следниот лет ако не може да даде доказ за изземањето за вакцинација.
Според „Сиднеј морнинг хералд“, 34-годишниот Ѓоковиќ бил сопрен откако член на неговиот тим направил грешка со барањето на виза која не се однесува на тенисерите.