Милан по фуриозниот старт на мечот, изддржа за 3:1 победа над Рома во првото големо дерби во 2022 во италијанската Серија А, резултат кој ги доближува на само еден поен од лидерите Интер (иако шампионите имаат натпревар помалку).
„Росонерите“ дојдоа во водство уште во 8. минута кога по играњето на Теми Абрахам со рака во шестнаесетникот, Оливие Жиру беше прецизен од белата точка. Девет минути подоцна, Бразилецот Жуниор Месијас зголеми на 2:0, најавувајќи убедлива победа на домаќините, меѓутоа, Рома се врати во игра со голот на Абрахам во финишот на првото полувреме (40.).
По ова следуваше убав фудбал на двете страни, со многу шанси, погодени стативи, и одличните одбрани на Мајк Мањан на голот на Милан, пред Рома да остане со играч помалку во 74. минута, кога Рик Карсдорп доби втор жолт картон. Златан Ибрахимовиќ доби шанса како замена и во 82. минута го пронајде Рафаел Леао за тој да зголеми на 3:1.
Рома го заврши мечот со девет играчи, откако Џанлука Манчини во 93. минута доби црвен картон за фаулот во шестнаесетникот, за обидот на Златан Ибрахимовиќ да биде одбранет од Руи Патрисио.