Top Sport

Тајсон Фјури и УФЦ „ѕверот“ Нгану сакаат меч!

Светскиот шампион во тешка категорија, Тајсон Фјури вели дека би прифатил меч со УФЦ „кралот“ во тешка категорија, Френсис Нгану, но и двајцата поставија некои необични услови за ваков меч.

Нгану подолго време сака да се вклучи во професионалниот бокс, додека ВБЦ шампионот, Фјури би бил совршен противник. Камерунецот Нгану иако е шампион на УФЦ по победата над Стипе Миочиќ минатата година, подолго време е во конфликт со претседателот на УФЦ, Дејна Вајт околу парите кои ги добива. Тој ќе ја брани титулата против Французинот Сирил Ган на УФЦ 270 на 22 јануари, но вели дека тоа му е последен УФЦ меч.

„Крајот ќе дојде, бидејќи дури и да се договорам со УФЦ, во договорот ќе има клаузула за боксерски мечеви, бидејќи не можам да се пензионирам без бокс. Тајсон Фјури, Дионтеј Вајлдер, сакам да се тестирам против тие момци“, изјави 35-годишниот Нгану.

Фјури веднаш му одговори.

„Кој би сакал да ме види против овој ѕвер под боксерски правила, но со УФЦ ракавици?“, напиша Фјури на Твитер.

„А, што за ММА правила со боксерски ракавици? Така ќе ти направам услуга“, му врати Нгану.

„Сакаш да дојдеш во мојот свет и ме викаш мене и Вајлдер на бокс. Можам да ти гарантирам дека ќе бидеш нокаутиран и дека ќе добиеш најмногу пари досега. Затоа размисли“, одговори Фјури.

„Откако ќе го решам бизнисот на 22 јануари ќе боксувам со тебе под било кои правила. Во ринг, во откагон, во телефонска говорница“, врати „Предаторот“.

Scroll to Top