Владата на Австралија го загуби спорот со Новак Ѓоковиќ, но нема да се откаже од намерата да не му дозволи да настапи на Австралија опен.
Веднаш по завршувањето на судењето, државниот обвинител Крисотфер Тран рекол дека последниот збор во целата ситуација ќе го има министерот за имиграција, Алекс Хок. Тој рекол дека министерот за Имиграција и понатаму го има правото да го депортира Ѓоковиќ.
Медиумите од Мелбурн, јавија дека голем број полицајци, се наоѓаат пред зградата на адвокатската канцеларија во која се наоѓа Ѓоковиќ. Според нив, најдобриот светски тенисер ќе биде уапсен и депортиран од државата. Во тој случај ќе добие забрана за влез во Австралија, во наредните три години.
„Новак влезе во сериозен политички вител. Австралија е несреќна, живеат во тешки услови во ова време на пандемија. Што можеме ние да направиме? Да се ангажираме и да ја пуштиме оваа вест дека Владата повторно сака да го затвори Новак. Во моментов се консултираме со адвокатите и со прес службата. Новак е со адвокатите, во просториите во кои беа за време на судењето, ги разгледуваат сите опции. Мислам дека ова е голем пораз на власта, изгубија, бидејќи мислеа дека ќе го победат системот“, изјавил за српските медиуми братот на Новак Ѓоковиќ, Ѓорѓе.
Наспроти овие информации, новинарката на Асошијетет прес од Мелбурн, Карен Свини, тврди дека полицијата која се наоѓа пред адвокатската канцеларија е тука за да го заштити Ѓоковиќ од медиумите.
Значи, судбината на Ѓоковиќ и неговиот настап на првиот гренд-слем во сезоната е во рацете на министерот за имиграција, Алекс Хок. Тој има рок од четири часа да донесе одлука, односно дали ќе ја поништи одлуката на судот.
Во исто време, судијата Ентони Кели, кој пресуди во корист на Ѓоковиќ, на крајот од судењето истакнал дека мора да биде известен за делувањето на министерот. Доколку не го стори тоа, судијата нагласил дека и тие можат да бидат уапсени.