Антони Марсијал ги отфрли тврдењата на менаџерот на Манчестер јунајтед, Ралф Рангник дека одбил да биде дел од составот на „ѓаволите“ за саботното гостување кај Астон вила.
Рангник именуваше само осум замени за мечот на „Вила парк“ во Бирмингем, каде што Јунајтед пропуштија 2:0 водство за 2:2 реми и тврдеше дека Марсијал самиот решил да не патува со тимот.
„Тој не сакаше да биде со тимот. Ќе беше нормално во тимот, но не сакаше и затоа не беше со нас“, изјави Рангник по мечот.
Марсијал во саботата навечер се јави преку Инстаграм.
„Никогаш нема да одбијам да играм за Ман јунајтед. Тука сум седум години и никогаш не сум покажал непочитување, ниту ќе покажам за клубот и за фановите“, пишува Марсијал.
Минатиот месец, агентот на францускиот фудбалер изјави дека тој сака да замине од клубот во јануари за да добие поголема минутажа. 26-годишниот Марсијал има договор со клубот до 2024, но оваа сезона има епизодна улога и нема стартувано меч од победата над Вилјареал во ЛШ во ноември.