Иако одигра само еден меч во последните две години, Манчестер јунајтед очигледно високо го ценат својот дефанзивец Фил Џонс, поставувајќи цена од 15 милиони фунти за сите заинтересирани клубови во јануарскиот преоден рок.
29-годишниот Англичанец го стартуваше првиот меч по 708 дена при 0:1 поразот од Вулверхемптон минатата недела, откако се мачеше со повреди, и според најавите од „Олд Трафорд“ тој не е во плановите на клубот за иднина со уште 18 месеци од договорот.
Неколку премиерлигашки клубови се заинтересирани за Џонс, кого Јунајтед го платија 16.5 милиони фунти пред речиси една деценија, во прв план Барнли и Њукасл, и покрај неговата неделна плата од 100.000 фунти. Сепак, „сопка“ се 15-те милиони фунти кои ги бараат „ѓаволите“.