Американскиот боксерски промотер Боб Арум тврди дека Тајсон Фјури и Олександер Усик преговараат за меч за обединување на титулите во тешка категорија на Блискиот Исток оваа година, најавувајќи дека Ентони Џошуа и Дилијан Вајт ќе се „тргнат на страна“ за да се организира овој меч.
Џошуа веќе ја искористи опцијата за римеч со Усик откако загуби на поени од Украинецот во септември, додека Фјури доби наредба да боксува со Вајт. Но, според Арум, двата меча ќе бидат одложени за меч за обединување на титулата, иако преговорите се во „целосен хаос“. Последен апсолутен шампион во тешка категорија беше Британецот Ленокс Луис во далечната 1999 година.
„Во моментов е вистински хаос. Доаѓаат ветувања од Блискиот Исток за меч за обединување на титулите, и се вклучуваат многу луѓе кои гледаат голема шанса за заработувачка од таков меч. Тоа е нормално во тешката категорија и се надевам дека ќе има договор до петок“, вели Арум.