Top Sport

Шведска со почетна победа благодарение на ВАР-пенал (видео)

Шведска го стартуваше Мундијалот во Русија со минимална победа над Јужна Кореја од 1:0, со што ги зголемија шансите за пласман во втората рунда и во исто време поставија притисок над Германија, кои првиот меч вчера шокантно го загубија од инспирираните Мексиканци во групата Ф.

Корејците имаа подобар старт на натпреварот, доминираји во поседот на топката и правејќи шанси пред голот на „викинзите“. Меѓутоа, во првото полувреме најсериозната шанса ја имаа Швеѓаните, кога во 20. минута, Гранквист и Берг имаа одлична акција по која Берг упати фантастичен удар, но голманот Чо имаше уште поубава интервенција.

Во едно од најслабите полувремиња досега во Русија, уште за одбележување беа неколкуте обиди за шанси кои ги направи ѕвездата на Тотенхем, Сон.

Клучниот момент на мечот се случи во 61. минута од мечот, кога Ким го собори Клаесон во шестнаесетникот, а салвадорскиот судија Агилар реши дека нема фаул.

Но, откако ВАР-тимот му соопшти дека треба да има разгледување на спорната ситуација, беше досуден пенал. Капитенот Андреас Гранквист беше сигурен од белата точка зза водство на „викинзите“ кое ќе се покаже клучно. Иако одлуката беше апсолутно исправна и имаше фаул за пенал, малку чудно беше што судијата го прекина контранападот на Корејците, така што се поставува прашањето што доколку одлуката беше поинаква, а Кореја пропуштеше убава шанса.

Иако фудбалот не беше за воодушевување, двете репрезентации сигурно ќе бидат многу тежок противник за Германија и Мексико во групата која ќе носи голема неизвесност.

Scroll to Top