Рускиот селектор Станислав Черчесов вети дека ќе го „врзе“ Мохамед Салах во пресметката со Египет во вторник во Санкт Петербург по спектакуларната 5:0 победа над Саудиска Арабија во првиот меч од групата А.
Прес-конференцијата на „Крестовски“ стадионот се „вртеше“ околу ѕвездата на Ливерпул, Салах, кој е прва ѕвезда на египетската репрезентација, која загуби со 1:0 од Уругвај во првиот меч, но тој не беше во составот.
„Што можам да кажам. Верувам во мојот тим. Верувам во фудбалерите и тоа е едноставниот одговор. Ќе бидеме подготвени да го направиме тоа“, вели Черчесов.
Запрашан дали некој од неговите фудбалери ќе се обиде со „тактиката“ на Серхио Рамос, кој имаше дуел со Салах во финалето на Лигата на шампиони по кој фудбалерот на Ливерпул остана со повредено рамо, Черчесов беше подготвен за шега.
„Дали некој ќе се однесува како Рамос? Не го сфаќам прашањето. Видов дека Рамос го крена трофејот од Лигата на шампионите, но утре нема да има трофеј. Не верувам дека Рамос го направи тоа намерно. Ова е контактен спорт и никој не повредува никого намерно“, вели Черчесов.
Фото: ЕПА