Шефот на Конфедерацијата за африкански фудбал (ЦАФ), Патрис Мотсепе потврди дека нема да има откажување на Африканскиот куп на нации и покрај понеделничкото стампедо пред „Стад Д’Олембе“ во камерунската престолнина Јаунде, во која загинаа 8 луѓе, а 7 се во критична состојба.
Пред мечот помеѓу Камерун и Коморите, се урна една бариера, и навивачите беа прегазени од луѓе кои се обидуваа да влезат на стадионот.
„Беше отворена темата за откажување на мечевите, но заклучокот беше да се оддаде потребната почит, но како што кажаа и дел од повредените, едвај чекаат да излезат од болница и да одат на стадион. Ја видов страста на сите Камерунци и нивната љубов кон фудбалот, кој ги зближува луѓето“, вели Мотсепе.
Тој ја спореди ситуацијата со неговата татковина Јужна Африка, која беше расно обединета пред победата на Светскиот куп во рагби во 1995 година.
„Доаѓам од земја разделена по расата, каде што црните луѓе не смееја да играат фудбал со белите, така што сите ја знаеме моќта на фудбалот. Бев на стадионот со сопругата кога Нелсон Мандела го носеше дресот на капитенот на рагби тимот, кој беше белец. Фудбалот треба да ги зближи луѓето од сите потекла на нашиот континент“, додава Мотсепе.