Јапонија имаше совршен старт на Светското првенство во Русија, откако со 2:1 ја совладаа фаворизираната Колумбија, која на стартот остана со играч помалку по бизарниот црвен картон на Карлос Санчез.
И под новиот селектор Акира Нишино, Јапонија ја прекина низата на лоши пријателски натпревари со победа која може да значи втора рунда во израмнетата група со Полска и Сенегал.
Клучниот момент на мечот се случи уште во третата минута, кога Осако успеа да избега на колумбиската одбрана и по ударот од десетина метри реагираше голманот Оспина, по што одбиената топка ја исфрли со раце Карлос Санчез за да добие црвен картон. Кагава беше сигурен од белата точка за водство на Јапонија по само пет минути.
Ова беше прв црвен картон на СП во Русија и по само 2 минути и 58 секунди игра втор најбрз црвен картон во историјата на Мундијалите.
Колумбија, и покрај ова, се созеде и имаше повеќе од играта до крајот на полувремето, со две добри шанси на Фалкао и притисокот се исплатеше кога во 39. минута, со одличен трик-слободен удар, Хуан Квинтеро го најде патот до голот на Кавашима.
Јапонија имаше подобар старт на второто полувреме, со две шанси на Осако и Инуи во првите десет минути, додека Колумбија се обиде да внесе свежост со влегувањето на ѕвездата на Баерн Минхен, Хамес Родригес. Осако во 73. минута го постигна првиот гол за Јапонија по изведен корнер во историјата на Мундијалите за да донесе славна победа на „самураите“.
Фото: ЕПА