По преговори кои траеја неколку месеци, Тајсон Фјури ја потврди одбраната на својата ВБЦ титула против Дилијан Вајт во април, откако неговиот агент Френк Ворен ја доби лицитацијата за меч од 30 милиони фунти.
Од овие пари, „Џипси кинг“ Фјури ќе добие 80 отсто од парите, односно најмалку 23 милиони фунти, додека Вајт ќе се задоволи со нешто повеќе од 6 милиони фунти за својата прва шанса да стане шампион во тешка категорија. Според британските медиуми, мечот ќе се оддржи во април на „Принсипалити“ стадионот во Кардиф.
„Се враќам дома, бејби! Подгответе се за најголемата британска пресметка по Ленокс Луис-Френк Бруно. Историјата се пишува тука“, изјави Фјури.
Договорениот меч доаѓа, откако Фјури се обидуваше да го „убеди“ британскиот ривал Ентони Џошуа да се откаже од римечот со Украинецот Олександер Усик, за да може да се организира меч за обединување на титулите, но на крајот не успеа во преговорите.