Тоа што Луис Хамилтон не успеа да ја освои титулата во 2021 во драматичната завршница во Абу Даби, значеше дека банкарската сметка на Валтери Ботас останала „попразна“, признава Финецот.
Ботас, кој во новата сезона ќе вози во Алфа Ромео, во интервју признава дека загубил „доста пари“ од предвидениот бонус кој ќе го добиеше ако Хамилтон станеше шампион.
„Да, тоа ме чинеше доста. Одредени бонуси во договорите се поврзани со некои остварувања, и за среќа не добив ништо однапред, бидејќи ќе морав да враќам“, вели Финецот.
Сепак, Ботас вели дека финансиски е во фантастична состојба. Откако дебитираше во Ф1 во 2013 година, тој се приклучи на Мерцедес во 2017 година, поминувајќи пет сезони во „сребрената стрела“, каде што можеби не беше платен како неговиот колега, но сигурно не беше меѓу послабоплатените возачи.
„Искрено, не мерам остварувања според парите, но дојде одреден момент во кој не морав повеќе да ја погледнувам банкарската сметка. Парите се голема работа во Формула 1, но секогаш паметам од каде дојдов и затоа тоа не е најважно“, додава Ботас.