Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги отфрли тврдењата дека судијата на мечот Португалија-Мароко во средата го побарал дресот на Кристијано Роналдо на полувреме.
Играчот од средниот ред на Ватфорд и на мароканската репрезентација, Нордин Амрабат во изјава за холандската ТВ изјави дека слушнал од португачскиот дефанзивец Пепе дека американскиот судија Марк Гајгер го побарал дресот на Роналдо.
„Не знам на што е навикнат во Америка. Но, очигледно беше многу импресиониран од Кристијано Роналдо и од тоа што го слушнав од Пепе го прашал Роналдо дали може да го добие дресот. За што зборуваме? Светско првенство? Ова не е циркус“, изјави Амрабат.
ФИФА го демантира ова, дури „карајќи“ ги мароканските фудбалери потсетувајќи ги да ги почитуваат „сите принципи на фер-плејот“.
„Со жалење и разочарување констатираме дека постоеја извештаи во кои се ставаше под сомнеж интегритетот на судијата Марк Гајгер. Тој не го побарал дресот на португалскиот капитен на полувремето. ФИФА ги осудува овие обвинувања и потсетува дека судиите на ФИФА работат под јасни инструкции околу однесувањето со членовите на тимовите. ФИФА ги потсетува тимовите за својата должност да ги почитуваат правилата на фер-плејот“, се вели во соопштението на ФИФА.
Фото: ЕПА