Top Sport

Еврогол за Данска, ВАР-пенал за Австралија (видео)

Данска е на чекор до пласман во осминафиналето на Светското првенство, додека Австралија ги задржа шансите откако двете репрезентации одиграа 1:1 во Самара во првиот меч од второто коло во групата Ц.

Данците рано дојдоа во водство, откако по одличната акција, првата ѕвезда на нивната репрезентација, фудбалерот на Тотенхем, Кристијан Ериксен го совлада голманот Рајан. Австралијците немаа многу шанси на почетокот на мечот, а Јоргенсен во 24. минута уште еднаш се закани по противничкиот гол.

Австралија стигна до израмнување во 37. минута, кога топката удри во рацете на Поулсен, а судијата по консултацијата со ВАР реши да му додели жолт картон и досуди пенал. Интересно ова е вторпат Поулсен да направи пенал на Мундијалот откако истото го направи и против Перу. За Австралија од белата точка беше прецизен Миле Јединак.

Австралија посериозно се закани на почетокот на второто полувреме преку Рогич и Муј, но не беше многу опасно за Каспер Шмајхел на голот. „Сокерус“ имаа и поголем дел од поседот на топката, но на крајот мораа да се задоволат со реми по тесниот пораз од Франција (1:2). Во последното коло, Данците играат со Франција, додека Австралија ќе има дуел со Перу.

Фото: ЕПА

Scroll to Top