Луис Хамилтон во неделата ја освои својата четврта светска титула, една повеќе од легендарниот Сер Џеки Стјуарт за да стане најдобриот британски тркач во историјата.
Тој факт ќе биде предмет на многу дебата во Британија, каде што стилот на возачот на Мерцедес му донесе многу навивачи, но и многу оспорувачи, но во Ф1 статистиката и бројките се сè, така што следните години ќе покажат дали 32-годишниот прв возач со црна боја на кожата во Ф1 ќе биде и најдобриот на светот.
Последниот успех го поставува Хамилтон далеку зад претходните легенди на спортот од островото, од Сер Херни Сегрејв и Ричард Симан, до носителите на титулите Мајк Хотор, Греем Хил, Џим Кларк, Џон Сартис, Стјуарт, Џејмс Хант, Најџел Менсел, Дејмон Хил и Џенсон Батон. Брзината со која стигна до 62 победи е доволна да се докаже дека се работи за несомнен талент, а 72-те пол-позиции го ставаат на второто место на вечната листа меѓу Аиртон Сена и Михаел Шумахер, двете најпознати имиња во светот на Ф1.
Талентот прв го препозна неговиот татко Ентони, кој жртвуваше многу малото дете од Стивиџ на шест години да почне со картингот. Друг човек кој треба да се спомене несомнено е Рон Денис, долгогодишниот шеф на тимот на Мекларен, кај кого Хамилтон отиде кога имаше само 10 години и му кажа дека еден ден ќе вози за неговиот тим. 12 години подоцна тој дебитираше во еден од болидите на Денис, една година потоа ја освоија титулата.
Во 2013 година тој реши да замине од Мекларен, тимот кој му даде сè и каде што имаше статус на „полу-бог“ и да замине во Мерцедес, германскиот гигант кој се врати три години претходно во Ф1 и имаше просечни резултати. Во тимот тој го замени Михаел Шумахер, откако ниту големиот Германец не успеа во три сезони да направи нешто значајно со тимот.
Сепак, не сите го сакаат Хамилтон. Од една страна се почитувачите на големиот талент, но од друга страна тие кои не можат да го прифатат неговиот стил на плејбој. Дијамантските обетки, пријателствата со хип-хоп ѕвездите како Паф Деди и Фарел Вилијамс, посетувањата на модните шоуа, тоа беа работи кои му носеа негативни поени на Британецот кај тие кои сметаат дека тој треба да се „смири“.
Неговите односи со колегите, посебно Фернандо Алонсо и Нико Розберг, честопати беа „жестоки“. Неговото однесување по крајот на трките, кога тројцата на подиумот зборуваат меѓу себе, покажува дистанцирање од останатите возачи. Неодамна, Џенсон Батон, неговиот поранешен колега во својата авто-биографија напиша дека „никој навистина не го познава Луис“.
НЕКОЛКУ ФАКТИ ЗА ЛУИС ХАМИЛТОН
– Дедото на Хамилтон од таткова страна дојде во Англија од карипскиот остров Гренада и цел живот работеше во подземната железница. Целосното име на Хамилтон е Луис Карл Дејвидсон Хамилтон и Дејвидсон доаѓа од неговиот дедо.
– Неговите родители се разведоа кога тој имаше 2 години. Таткото Ентони исто така работеше за подземната железница, додека мајката Кармен работеше во локалната општина. Тој првпат седна во картинг на одмор со родителите во Ибица на три години. На осум години сериозно ја почнува кариерата.
– Тој беше победник во сите категории во картинг, освојувајќи ја британската титула на 10 години и се приклучи на младинската програма на Мекларен во 1998 година.
– На 22 години во 2007 дојде сензационалното деби со Мекларен. На првата трка во Австралија беше трет, втор во следните четири трки, за да победи на шестата и седмата трка во Канада и САД.
– Во 2007 имаше низа од девет подиуми и ја заврши сезоната на второто место со еден поен зад Кими Раиконен во Ферари (иронично последната титула која Ферари ја освоија).