Сузи Волф, поранешниот тест-возач на Вилијамс и сопруга на шефот на Мерцедес Ф1, Тото Волф, е нова шефица и акционер во Формула Е тимот на Вентури.
Вентури е тим кој ќе го врати Фелипе Маса во тркањето следната сезона, а Волф ќе биде шефица на тимот пред стартот на петттата сезона на формула серијата на болиди на електричен погон, која стартува во Саудиска Арабија во декември со новата генерација „Џен 2“ на болидите, кои за првпат нема да се менуваат на половина трка.
„Кога решив да престанам со професионалното возење во 2015 година, знаев дека сакам да продолжам со тркањето во поинаква улога. Мислам дека во Формула Е го најдов вистинскиот следен чекор. Едвај чекам да работам со директорот на тимот Гилдо Пастор и со Фелипе Маса“, вели Волф, која покрај тоа што беше тест-возач во Ф1, возеше и во германската туринг серија ДТМ.
Тимот на Вентури исто така е во партнерство со ХВА АГ компанијата на Мерцедес, која се подготвува за влез во шампионатот преку Вентури. Мерцедес најави свој тим за сезоната 2019/20.