Top Sport

Свирежи за Франција и Данска по „пријателско“ реми на „Лужники“

Репрезентациите на Данска и Франција знаеја дека веќе се во осминафиналето на Мундијалот во Русија, што придонесе за првиот навистина досаден меч на овогодишното првенство и првиот кој заврши 0:0, откако стана јасно дека Австралија не може да го совлада Перу и да направи притисок над Данците.

Вака, Франција го освојува првото место во групата Ц и чека противник помеѓу репрезентациите на Аргентина, Нигерија и Исланд, додека Данците се помирија со пресметка со Хрватска. Перуанците, кои немаа многу среќа во претходните натпревари, конечно, своето учество на првото СП од 1982 година го крунисаа со 2:0 победа над Австралија.

Фановите на преполниот „Лужники“ мораа да бидат разочарани од играта на Франција и Данска, но посебно на француските ѕвезди, од кои се очекуваше многу. Данците први дојдоа во шанса во 4. минута, кога Мартин Брејтвајт влезе во шестнаесетникот и тој драматично падна, без шанси за пенал.

Оливие Жиру имаше шанса во 15. минута откако имаше добра асистенција од Гризман, но Шмајхел беше сигурен на голот. До крајот на полувремето имаше уште две полу-шанси. Корнелиус за Данците имаше одлична асистенција до Ериксен, но тој не се снајде најдобро во 29. минута, а Усман Дембеле се обиде од далечина во 33. минута.

Второто полувреме беше уште подосадно, но малку доби на интензитет кога кај Французите влегоа Фекир и Мбапе. Фекир во 70. минута имаше одличен удар од 20 метри, но малку непрецизен, пред во 83. минута неговиот удар да го одбрани Шмајхел.

На мечот Перу-Австралија беше сосема поинаку и „Инките“ покажаа дека не се случајно на Мундијалот со одлична напаѓачка игра и со 2:0 победа над слабо мотивираните „сокерус“.

Првата вистинска шанса за Перу беше крунисана со гол, откако по асистенција на капитенот Паоло Гереро, Карилјо со одличен волеј носи предност за јужноамериканците. Австралијците се „разбудија“ и имаа две-три добри шанси до крајот на полувремето, меѓутоа на стартот на второто полувреме, во 50. минута, Паоло Гереро го постави конечниот резултат.

Scroll to Top