Пред крајниот рок за давање на понуди за купување на Челси (18 март), англиските медиуми тврдат дека „Сауди Медија“, најголемата медиумска компанија на Блискиот Исток е прв фаворит, откако дале понуда од фантастични 2.7 милијарди фунти за актуелниот европски шампион.
По санкциите за газдата Роман Абрамович, парите на клубот ги контролира британската влада, и се очекува брза продажба на клубот за да може да се продолжи да се функционира нормално, откако спонзорите се повлекоа, а „Барклис“ банката ја суспендираше нивната сметка.
Според „Си-би-ес спортс“, саудиската компанија, дала најсериозна понуда од 2.7 милијарди фунти, бидејќи нивниот газда, Мохамед Ал-Хереиџи е голем фан на „сините“. „Сауди Медија“ има годишен приход од 770 милиони фунти, но се верува дека понудата е заедно со други приватни финансиери од Саудиска Арабија, но за разлика од купувачите на Њукасл, овојпат нема директна вмешаност со владата на земјата.