Поранешната финалистка на Вимблдон, Канаѓанката Јуџини Бушар успеа да се квалификува на овогодишниот турнир, откако со 6:3/6:2 ја победи Колумбијката Маријана Дуке-Марињо во последното квалификациско коло.
Како 191-рангирана тенисерка, Канаѓанката мораше да победи во три меча во Роухемптон за да добие шанса да игра против најдобрите.
„Бев навистина солидна денес, иако бев нервозна. Мислам дека заслужувам да бидам меѓу најдобрите не само поради рејтингот. Бев повредена подолго време, така што целта беше да бидам на турнирот“, вели Бушар, која во 2014 загуби во финалето на Вимблдон од Петра Квитова.
Бушар таа 2014 година стигна до полуфиналето на Австралија опен и Ролан Гарос, и беше светска тенисерка број 5.
33-годишната ветеранка Вера Звонарева, која загуби во финалето во 2010 од Серена Вилијамс, исто така доби место во главната ждрепка со победа над Американката Каролајн Долхајд. Поранешната светска тенисерка број 2, се породи со ќеркичката Евелин во 2016, пред оваа година да се врати на тенисот.
Австралиецот Бернард Томич, кој играше во четврт-финалето на Вимблдон во 2011 година, не успеа да влезе во главната ждрепка откако загуби од Белгиецот Рубен Бемелманс со 6:3/6:1/6:2 во последното квалификациско коло.