Аднан Јанузај со фантастичен волеј го постигна единствениот гол во последниот натпревар по групи на Мундијалот во Русија, за Белгија со 1:0 да ја совлада Англија и да го освои првото место во групата Г, кое потенцијално им носи потешка ждрепка понатаму. Тунис се врати од негатива и со 2:1 ја победи Панама во меч без резултатско значење.
Пред мечот меѓу Белгија и Англија постоеја теории дека на двете репрезентации повеќе им одговара второто место на табелата, кое прво носи дуел со Колумбија, но се избегнува потенцијално Бразил во четврт-финалето, и како се играше првото полувреме за малку да поверувавме во таа теорија.
Двете репрезентации излегоа на теренот во Калининград со значително променети селекции од претходните два меча, и Белгијците беа поактивни во првото полувреме. Тилеманс прво во шестата минута имаше одличен удар од 20-тина метри, но Пикфорд беше сигурен, а во 10-тата минута по една мешаница пред голот на Англија, Мичи Батшуаи за малку ќе постигнеше гол, но Кејхил ја извади топката од гол-линијата. Англичаните првото полувреме го поминаа без ниту еден удар на голот.
На стартот на второто полувреме, Англија првпат се закани преку Варди и Рашфорд, кој шутира непрецизно, но во 51. минута се става крај на „статус кво“ ситуацијата откако Аднан Јанузај со фантастичен потег го помина Роуз и постигна одличен гол.
Во Саранск, пак, се играше меч само за чест на Мундијалот и на крајот Тунис успеа да се збогува од Русија со победа од 2:1 над Панама.
Панамците први стигнаа во водство во 33. минута, кога обидот на Родригез од работ на шестнаесетникот се одбива од дефанзивците на Тунис и аутсајдерите стигнуваат до водство.
Тунижаните не се откажаа и на стартот на второто полувреме израмнија. Во 51. минута по одлична акција Бен Јусеф израмнува на 1:1, за во 66. минута, Хазри да постигне гол за утешна победа. Тунис, како и сите африкански нации на овој Мундијал испаѓа по натпреварите по групи.