Top Sport

Англичаните го „избраа“ полесниот пат, но дали ќе биде така?

Англија во еден бескрвен натпревар загуби од Белгија со 1:0 со својот „Б-тим“ за да го „избегне“ првото место во групата Г и можен четврт-финален дуел со Бразил, за да налета на Колумбија во осминафиналето.

Ако Англија успее да ги помине „Лос кафетерос“ тогаш ја очекува дуел со подобриот од дуелот Швајцарија-Шведска, и многумина во татковината на фудбалот сметаат дека ова е полесниот пат барем до полуфинале.

Во овој дел од ждрепката, во осминафиналето играат Шпанија-Русија и Хрватска-Данска, така што барем е „чист“ патот од фаворитите Бразил, од Аргентина и Франција.

Во вториот дел од ждрепката, Белгија ќе има полесна задача во осминафиналето против Јапонците, а ако ги мине нив ќе игра со подобриот од дуелот Бразил-Мексико.

Вториот дел од оваа осминафинална ждрепка е исто така интересен – играат Уругвај-Португалија и Аргентина-Франција, така што постои можност во полуфиналето Лионел Меси и Кристијано Роналдо да се „судрат“ во пресметка на големата сцена, што сигурно ќе донесе големи реакции на фановите на овие две фудбалски суперѕвезди.

Како и да е, прво в петок следува првиот ден на одмор на Мундијалот, по што во сабота следуваат првите осминафиналиња – Франција-Аргентина во 16 часот во Казан, и Уругвај-Португалија во 20 часот на прекрасниот „Фишт“ во Сочи.

Scroll to Top