Top Sport

Јокиќ и Дончиќ блескаа во победите на Денвер и на Далас

Никола Јокиќ имаше уште една фантастична вечер во дресот на Денвер. МВП играчот од минатата сезона повторно беше апсолутен лидер во победата на Денвер Нагетс на гости против Вашингтон со 109:127. Тимот на Мајкл Мелоун со победа постави нов рекорд на франшизата, Нагетс остварија седум гостински победи во низа.

Јокиќ за 26 минути на паркетот постигна 29 поени со 13 скока и осум асистенции, па повторно малку му недостигаше за нов „трипл-дабл“. Без разлика на тоа, овој меч ќе остане запаметен по уште една бариера која ја прескокна – ја мина границата од 10.000 поени во кариерата. Јокиќ имаше 10/14 во шутот од игра и стопроцентен ефект од линијата за слободни фрлања, 7/7.

Нешон Хајленд постигна 17 поени со шест скока и пет асистенции, Монте Морис додаде 15, а Де Маркус Казинс и Арон Гордон по 14 поени.

Во тимот на Вашингтон најдобар поединец беше Дани Авдија со 19 поени со седум скока и три асистенции.

Денвер од почеток ги постави работите на свое место, на полувреме водеа со 73:52.

Најнеизвесно беше во њујоршкиот центар Баркли. Гостинскиот тим на Далас Маверикс го совлада домаќинот Бруклин Нетс со 111:113, а натпреварот го реши шут во последната секунда. До тој момент најистакнатото име на натпреварот беше незапирливиот Лука Дончиќ со 37 поени и по девет скока и асистенции. Одличниот Словенец, на кој малку му недостасуваше трипл-дабл, ја забележа деветтата асистенција во последниот напад, кога го проигра Спенсер Динвиди, кој го изведе шутот за победа против својот поранешен тим. Динвиди претходно пет сезони го носеше дресот на Бруклин.

Богдан Богдановиќ имаше солиден настап во тимот на Атланта која загуби со 116:106 на гостувањето кај Шарлот. Тој постигна 12 поени, зачинети со четири скока и две асистенции.

Кај Шарлот Хорнетс најдобар беше Ламело Бол кој постигна 22 поени со осум скока и 11 асистенции. Харел додаде 20, а Мајлс Бриџис постигна 18 поени, исто како и Тери Розиер.

Кај Атланта најефикасен беше ДеАндре Хантер со 21 поен, Клинт Капела имаше дабл-дабл од 17 поени и 15 скока.

Резултати: Шарлот – Атланта 116: 106, Кливленд – Филаделфија 114:118, Вашингтон – Денвер 109:127, Бруклин – Далас 111:113, Њујорк – Портланд 128:98, Хјустон – Феникс 112:129, Минесота – ЛА Лејкерс 124:104, Сан Антонио – Оклахома 122:120, Јута – Чикаго 125:110, Голден Стејт – Бостон 88: 110, Сакраменто – Милвоки 126:135, ЛА Клиперс – Торонто 100:103.

Scroll to Top