Макс Ферстапен смета дека техничките проблеми на Ред бул на првата трка од сезоната, Бахреин ГП, не смеат да се случуваат на вакво ниво, откако во последните кругови од трката не само што тој остана без второто место, туку и неговиот колега, Серхио Перез имаше откажување на моторот во последниот круг.
Ферари, кои очигледно беа побрзи од Ред бул целиот викенд, обезбедија 1-2 победа, додека Ред бул имаа проблеми со управувањето на болидот, пред да се случи губењето на моќта на моторот.
„Не знам што се случи со управувањето. Не сфаќаме, но очигледно беше дека тоа се случи по менувањето на гуми. Воланот не беше тежок, а беше невозможно да се управува и колку што бев побрз, нешто друго се случуваше. Брзината не ни беше фантастична, а ниту балансот не беше многу добар, така што имаме многу работи за анализирање. Веќе загубивме многу поени по само една трка и на нова ниво со толку информации околу инженерските детаљи на болидот не смеат да ни се случуваат вакви трки“, вели Ферстапен.