Фудбалската репрезентација на Македонија веќе се подготвува за новото искушение, финалната пресметка за пласман на СП против Португалија. Утре националниот тим патува за Порто, а дефанзивецот Висар Муслиу смета дека Македонија не е без шанси, иако Португалците се фаворити на хартија.
„Сите погледи сега ни се кон Португалија. Мора да се потрудиме многу, знаеме дека ова е можеби шанса која ќе ја имаме еднаш во животот. Мора да дадеме максимум и да се потрудиме да победиме, па така ќе испишеме нова историја за нашиот фудбал. Секој нов меч е различен од претходниот, но знаеме дека не очекува еден многу тежок меч, со голем психолошки притисок. Португалија е фаворит на хартија, сите го велат тоа. Но, ние не мислиме така. Знаеме за каков квалитет се говори. Италија исто имаше квалитет како европски првак, па така сметам дека и ние не сме без шанси во финалето“, изјави Висар Муслиу.