Организаторите на Тур де Франс, „Амори спорт организасион“ (АСО) формално го известија тимот на четирикратниот шампион Крис Фрум, Тим Скај дека тој нема да може да настапи на најславната велосипедска трка која започнува во сабота, објавува „Ле монд“.
АСО велат дека ова се прави за да се заштити имиџот на трката бидејќи случајот со позитивниот тест на салбутамол на Фрум од минатиот септември уште не е разјаснет од УЦИ. Фрум постојано тврди дека не направил ништо погрешно и дека не ги прекршил правилата, а неговиот тим ќе се обиде да го „протне“ на трката преку Судот за арбитража во спортот (ЦАС) и Францускиот олимписки комитет, кои ќе одлучуваат во среда.
„Сигурни сме дека Крис ќе ја стартува Тур де Франс, бидејќи тој не направи ништо погрешно“, вели портпаролот на Скај.
Во петокот, организаторот на трката Криштоф Прудом призна дека отсуството на одлука за случајот на Фрум не е добро за неговата трка.
„Страшно е што властите уште не го расчистија тоа. Не кажувам ништо повеќе, но правилата мора да се сменат. Од УЦИ велат дека се работи за ’абнормална контрола’, но тоа не значи ништо за обичниот велосипедски навивач. Треба да биде црно или бело, позитивно или негативно“, изјави Прудом.
Поранешниот шампион од ТдФ, Французинот Бернар Ино, претходно побара бојкот на другите велосипедисти доколку Фрум се појави на стартот на најславната трка на светот.
Организаторите АСО велат дека официјално сакаат да ја избегнат судбината на Џиро Д’Италија, каде што Фрум победи и покрај тоа што немаше одлука за тестот на салбутамол по 18. етапа на Вуелта Еспања минатиот септември (каде што Фрум исто така победи). Оваа победа организаторите официјално ја држат со „ѕвездичка“, и ја чекаат одлуката на УЦИ.
Фото: ЕПА